ОД ЕГО КОН ЕКО
Ако силата на претприемачот во нас отсекогаш била во моќта да ја спои активноста на мозокот со вештината на своите раце, новата револуционерна можност на новиот јас лежи во тоа да успееме да ги споиме главата и раката со интелигенцијата на нашите срца.
Небојша Илијевски
Најзначајното откритие со кое мисијата на „Аполо 8“ се вратила од првата обиколка на Месечината не било само блиската средба со неа. По години фокусирање на целите на мисијата и по успешното напуштање на Земјината орбита, секако дека сите погледи биле насочени токму кон Месечината.
Вистинскиот восхит го предизвикал потегот на еден член на екипажот, кој наеднаш најавил дека ќе ја заврти камерата од Месечината кон Земјата.
Френк Борман, командирот на мисијата, се присетува:
– Бевме преокупирани со мислата успешно да стасаме до Месечината, но тогаш, со тој поглед наназад, гледајќи ја Земјата како виси во вселената, се чинеше дека вистинската причина поради која излеговме од неа била подобро да си ја запознаеме планетата, подобро да се запознаеме себеси. Земјата од таа дистанција, од која дотогаш не сме ја виделе, изгледаше многу моќно, многу топло и чудесно, но и екстремно, екстремно кршливо“.
Според „Теоријата У“ на Ото Шармер, човекот денес се наоѓа пред „маневар“ сличен на тој што го направи екипажот на „Аполо 8“ со свртувањето на камерата кон Земјата. Способноста за саморефлектирање или самосвест е предизвик во кој од концентрираноста кон егоекономскиот систем на вредности, човекот тежнее да се отвори кон своето внатрешно битие, да се загледа во себеси за да може да еволуира кон однесувања што ќе ја однесат економијата кон екосистемот на вредности. Систем во кој, синхронизирано, се грижиме за другиот, како и тој за нас, за околината и за сите во заедницата.
Набљудувајќи ја еволутивната патека на човекот низ милениумите, очигледен е неговиот стремеж да го извлече максимумот од епохата во која живее искористувајќи ја својата уникатност меѓу живиот свет на Земјата – идеите и заклучоците што ги добива за светот што го опкружува ги претвора во материјални нешта.
Всушност, тој успевал да ја поврзе активноста на својата глава, мозокот, со активноста и со вештините на своите раце, кои неговите идеи можеле да ги реализираат. Дополнително, тој знаел оваа своја вештина да ја стави во контекст на актуелните еколошки, социјални и духовно-културолошки околности на конкретното време и така да создаде „посебност“, која константно гледала кон напред, кон ѕвездите, кон целта, стремејќи се да ја достигне.
Кога ќе ги исцрпел благодатите и сознанијата создадени во определена епоха, кога менталитетот што дотогаш соодветно му служел веќе му станувал тесен, се случувале радикални, тектонски промени во еволуцијата на човекот, за од таа точка, таа да заземе уште позабрзан тек.
Така, на пример, тркалото било логична кулминација и круна на активностите на човекот во претходната епоха. Но, од тркалото натаму, човекот, едноставно, не можел да продолжи понатаму со сетот зададени сфаќања или, подобро, ограничувања што ги имал дотогаш.
„Не можеме да решаваме проблеми ползувајќи го начинот на размислување, кој, всушност, истите ги создал“
Собрани околу предизвиците на нивното време, вооружени со логика и со иновација, во тие преодни моменти на „длабока промена“, човекот откривал нови патеки, кои биле радикално поинакви во однос на старите, но кои патеката на еволуцијата ја носеле линеарно или експоненцијално напред, во предели што дотогаш не можел ниту да ги насети.
Делата на Томас Кун за научни револуции и Арнолд Тојнби, за подемите и за падовите на цивилизациите, дебатираат за ефектот дека – кога економската парадигма на едно општество ќе се најде во позиција на немоќ да обезбеди соодветен, корисен одговор на најголемите предизвици на конкретното време, општеството влегува во транзициски период во кој тоа, порано или подоцна, ќе ја замени постојната логика и постојниот оперативен систем ќе го замени со нов, подобар.
Следејќи го споменатиот циклус, а особено циклусот на експоненцијалниот прогрес по технолошката револуција, според Ото Шармер, човештвото денес повторно стои на маргината на нова длабока промена.
-Тоа што полека се гаси – вели Шармер – е менталитетот што е базиран на принципот на „максималниот јас“, на принципот „поголемото е подобро“ и на одлуки движени од страна и во корист на групите со специјални интереси што, конечно, нè доведе во состојба на организирана неодговорност.
Храната како проблем, климата, недостигот од вода и намалувањето на другите ресурси, масовната сиромаштија, преселбите, фундаментализмот, тероризмот, финансиските олигархии…
Симптомите на кои сме сведоци во секојдневието што го живееме се, всушност, одраз на однесувањето и на состојбата на умот, кои со децении токму еволутивниот развој ги предизвикал и ги наталожил.
Ако овој феномен на наталожени патологии го разгледаме преку моделот „санта мраз“, кој укажува дека само 10 проценти од работите што ги гледаме како проблем, всушност, се видливи, додека 90 проценти лежат некаде под површината и ја создаваат структурата на проблемот со кој се соочуваме, ќе ги видиме споменатите феномени како врвови на сантите мраз што ги гледаме над површината на морето, додека целата планина од причини, всушност, лежи под површината и „ги крепи“ манифестациите на вистинските проблеми.
Така споменатите и други феномени можат да се гледаат низ призмата на еколошка, социјална и на духовно-културолошка димензија.
Еколошки гледано, во моментов се однесуваме како да имаме една и пол Земја на располагање, рапидно ги намалуваме резервите на водата за пиење, за 40 години сме уништиле една третина од земјоделското земјиште што ни е на располагање. Социолошки гледано, пак, само еден процент од „финансискиот крем“ на светов има богатство еднакво на тоа што го имаат 90 проценти од населението, а 2,5 милијарди луѓе живеат со помалку од два американски долара на ден. Додека еколошката поделеност ја одразува нашата оддалеченост од природата, а социолошката поделеност – оддалеченоста на луѓето меѓу себе, духовно-културолошката поделеност ја одразува оддалеченоста на човекот од самиот себе, дистанцата што ја создаваме меѓу овој јас и тој што надоаѓа од иднината, а кој го претставува нашиот најголем потенцијал.
Овој јаз меѓу две реалности, можната, за која сме свесни дека имаме капацитет да ја постигнеме, и таа што ја живееме, е причина за депресии, самоубиства или стрес, кој е рак-раната на современото општество.
Токму затоа, теоретичарите од универзитетот МИТ, кои со оваа проблематика научно се занимаваат уште од 1996 година, сметаат дека сме на прагот да го преземеме следниот револуционерен чекор во еволуцијата на човекот.
Ако силата на претприемачот во нас отсекогаш била во моќта да ја спои активноста на мозокот со вештината на своите раце, новата револуционерна можност на новиот јас лежи во тоа да успееме главата и раката да ги споиме со интелигенцијата на нашите срца. Сочувството, емпатијата, свесноста за својата околина, еколошки и социолошки гледано се моќните двигатели на квалитетот на новото општество, кое копнее да се роди.
Новите иницијативи, особено кај младите успешни претприемачи, срамежливо, но сѐ позачестено сведочат за овој капацитет. Токму тие, младите програмери, на пример, го користат својот претприемачки потенцијал и го врзуваат за креативноста така што тој во својата суштина не е инспириран само од профитот, туку и од согледаната потреба што овозможува светот да го направиме подобро место. Тие успешно ја поврзуваат силата на претприемаштвото со страста, сочувството и со емпатијата кон предизвиците на надворешниот свет што ги перцепираат, а тоа е јасна манифестација токму на „интелигенцијата на срцето“.
Кое е моето јас? Кој е мојот највисок иден капацитет? Што значи работата што ја извршувам, која е иднината од која би сакал да бидам дел на моето идно патување?
Патување, не како осамен патник, туку како општество, токму тоа на што се потпира бизнисот. Ако досега во класичното претприемаштво претприемачот/лидерот ги одразувал знаењата од минатото за да ги разбере и проектира идните чекори стремејќи се кон ѕвездите, лидерот на новото општество, на новиот општествено одговорен бизнис, лидерот на социјалната иновација, која е двигател на новото општество, се отвора за еден друг метод на лидерство. По примерот на астронаутите од „Аполо“, тој ќе мора да се заврти наназад и од иднината да се погледне себеси во еден нов контекст во кој ќе може да го препознае својот капацитет и максималниот капацитет на општеството што го опкружува, вклучително со неговите граници и ограничувања.
Да ја види својата чудесност и чудесноста на светот. Но и неговата можна кршливост.
Тој ќе мора да ја заземе насоката што досега лидерите најчесто ја немале бидејќи биле ориентирани кон целите на компанијата, гледале напред и се стремеле кон ѕвездите.
Денес бара да се роди еден нов револуционерен квалитет, да се загледаме во себеси какви што сме и во околината што нѐ гради додека ние ја создаваме неа и така да изградиме лидерство базирано не само на постојните знаења и стремежи, туку на новите вредности, на максималниот потенцијал на лидерот и на идното општество. Лидерство што се објаснува со феноменот на џез-ансамблот во кој музичарите се способни да ги слушнат другите музичари и да ја слушнат целата мелодија за да го создадат својот следен тон, кој е во совршена хармонија со другите.
Место лидерство што го одразува минатото, лидерство со нов поглед и кое ги антиципира сегашните потреби, но од перспектива на иднината.
(авторот е дел од тимот на агенцијата за комуникации „Холистик“ – www.holistic.mk)