Умира цивилизацијата изградена на филозофијата на „максималниот јас“
Од каде потекнува желбата или трендовски кажано -урџот, за претприемачот сиот свој капацитет, академски и искуствен, да го стави во служба на општеството? И каде, капиталистичкиот бизнис-модел целосно ориентиран кон генерирање поголем профит, се помирува со социјалистичките општествени вредности за распределба на капиталот рамномерно низ општествените слоеви?!
Небојша Илијевски
Го живееме времето на длабоки промени. Во него, сведочиме дека едни нешта завршуваат и умираат, а други сакаат да се родат.
Тоа што умира е цивилизацијата изградена на филозофијата на максималниот јас, на состојбата на умот од типот што повеќе – тоа подобро, и на донесувањето одлуки мотивирано од интересите на моќниците, што и нѐ доведе во состојба на организирана неодговорност.
Тоа што сака да се роди, пак, е иднината, која од нас бара да се поврземе со подлабоките слоеви на човечното во нас и со колективното човечко постоење. Иднина, која од нас бара да откриеме кои сме навистина и што сакаме да станеме не само како луѓе, поединци, туку и како општество.
Околу едно се согласуваме. Постојниот систем е скршен и општествата денес се соочуваат со предизвици за чиешто надминување е неопходна фундаментална промена. На феномените како Трамп или тероризмот не може да се одговори со детектори на метал или со формирање партија со радикално спротивни ставови. Светот е соочен со глобална еколошка, социолошка и духовна подвоеност во која се случува прекин на релацијата меѓу човекот и природата, меѓу човекот и Другиот и, конечно, меѓу човекот и неговото сопствено јас. За илустрација:
- Користиме 1,5 пат повеќе ресурси отколку што Земјата може да регенерира
62 милјардери имаат повеќе пари од 3,7 милијарди луѓе од социјалното дно во светот.
Во 2010 година, бројот на луѓе загинати во војни, од убиства и во природни катастрофи е помал од бројот на луѓето што самите си го одзеле животот
Доналд Трамп – новиот претседател на САД
Брегзит – УК ја напушта ЕУ
Токму овие видови подвоеност се причина за новите фундаментални случувања на општествената сцена во светот.
Досега, познатиот модел „Ајсберг“ објаснуваше дека манифестациите што ги гледаме во светот се само 10 проценти од сантата мраз над водата. 90 проценти од неа е скриената структура што ги крепи и предизвикува настаните видливи над површината на водата. Во контекст на политиката или на економијата зад таа структура, стојат интересите на моќните нации во светот. Но, овој патерн не може да се препознае во најновите настани, вклучително со тероризмот и со порастот на крајната десница, кои личат како да се оттргнале од контролата на споменатите моќници.
За тие да се објаснат мораме да влеземе во односите меѓу индивидуалците, групите, организациите и системите, односно во социјалното поле од овој систем.
Постојат две нивоа на свесност од кои може да оперира социјалното поле. Првото, повлекува манифестации како тероризам, крајна десница или успех на диктаторските профили на лидери и неговата социјално-емоционална логика оперира низ: предрасуди (кои се последица на затворање на умот), бес и вина (затворање на срцето) и страв (затворање на волјата). Ова е социјалното поле на отсуство (absencing) затоа што тоа поле ја прави нашата човечка суштина помаку присутна во светот, помалку достапна за другиот и речиси недостапна за вистинското јас. Absencing или „отсуствување“, е феномен што е овозможен од навиките и од технологиите што успеваат да го затворат човекот во неговиот „fIlter buble” – односно во информациите кон кои е склон, лишувајќи го целосно од тие со кои не се согласува или од тие на кои не треба да биде изложен.
„A filter bubble“ е израз што го означува резултатот на персонализирано пребарување при кое алгоритамот селективно претпоставува кои информации корисникот би сакал да ги види. Претпоставките се направени врз основа на информациите за него, локацијата, поранешното (клик) однесување и историјата на пребарувањата при што, како резултат, корисниците se ускратени за информациите кои не се во склад со нивните ставови. На тој начин тие ефективно се изолирани во нивните споствени културолошки или идеолошки меури.
За светот да излезе од маѓепсаниот круг на деструкција, ние актерите на светот, мораме да ги напуштиме неговите сегашни економски, политички и духовни системи. Сегашниот начин на свесност, кој сугерира егосистем на вредности, итно и бескопромисно мораме да го замениме со нешто друго, нешто ново што е, можеби, помалку очигледно, но е веќе тука и сака да се роди и во нашето опкружување. Се појавува секогаш кога човекот ќе се охрабри да излезе од сопствениот меур на вообичаени интереси и навики и ќе се ангажира во процесите околу него по пат на отворање на умот (љубопитност), на срцето (емпатија или сочувство) и на волјата (храброст како спротивност на стравот или на мрзливоста). Како резултат или награда, ако сакате, личноста и нејзиното опкружување стануваат способни да ги гледаат работите во ново светло (отворен ум), да насетуваат нови можности (отворено срце), да ги живеат (да присуствуваат во) сопствените највисоки идни можности (отворена волја) и да го косоздаваат тој потенцијал и можностите преку учење низ практика (осознавање, реализација, актуализација).
Сликата подолу ги прикажува „деструктивниот“ и неговиот „огледален – генеративен“ циклус.
И покрај сета деструкција, токму горниот циклус го има целото внимание на медиумите и на светот. Циклусот што е генератор на позитивните промени во светот беше и сѐ уште е целосно игнориран од страна на јавноста. Односот меѓу двата циклуса ја создава видливата светска историја. Оттаму, од Првата светска војна преку Втората и безбројните конфликти во светот, па сѐ до денес деструкциите се во фокусот на човекот.
Но, од 70-тите години на минатиот век почна да се пројавува една нова логика на социјалната промена. Активистичката свест на поединецот доведе до формирање неформални групи, а потоа и до организации од граѓанскиот сектор со силно влијание во сферите од екологијата до социјалната и културната дифузија.
Ова е нашето време. Време на освестување на вредностите од генеративната страна на циклусот. Една од неговите манифестации е феноменот во кој сѐ поголем број индивидуалци сиот свој потенцијал, креативноста, луцидноста и храброста, ја артикулираат во пазарен облик на функционирање бизнис, именуван како социјален бизнис, или социјално претприемаштво. Зошто? За да вработат уште 10 лица од маргините? За да ја инвестираат заработката во проект за кој, можеби, не сме слушнале? Или за друг конкретен општествен бенефит? Одговорот е да, секако и поради тоа.
Но најмногу затоа што тие своето „отсуствување“ од светот, од другиот и од себеси, го освестиле и со еден холистички напор го претвориле во активно, будно и постојано „присуствување“. Затоа што биле љубопитни своето срце, умот и волјата да ги прекодираат на начин на кој своите предрасуди, бесот, вината и стравот, ги претворат во сочувство, будност и храброст да дејствуваат.
И, конечно, затоа што веруваат дека кодот што го користат за оваа промена, е оупен сорс, односно надоградлив и применлив на сите.
(Текстот е базиран на цитати и на ставови презентирани од Ото Шармер од Универзитетот за информатичка технологија во Масачусестс (МИТ). Како научник и автор, Ото е кокреатор на УЛаб – отворената едукативна платформа на edX, курс посетен од повеќе од 75.000 учесници – „U-Theory, Transforming Businesses, Society and Self“.)