Иднината на работните места е неодвоива од иднината на луѓето
Стартниот ден на Форумот на добри компании 2021 донесе визија за иднина на работните места кои ќе се фокусирани на луѓето, на нивните вредности, личност и карактер, во која бизнисите ќе партнеруваат со социјални претпријатија со цел да направат добро за заедницата. Со говорници од земјава и од Франција, Израел, Италија, Белгија, Босна и Херцеговина, Полска, донесе перспектива во која го истакнуваме заедничкото делување, за доброто на сите нас. Настанот го отвори вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. -Локалните предизвици се и глобални, особено кога е во прашање пандемијата. Затоа треба да ја реструктуираме нашата постоечка економија во социјална економија и да дадеме фокус на ранливите групи. Не знаеме што нѐ очекува утре. Преку социјалното претприемаштво и имплементацијата на Целите за одржлив развој, можеме да се осигураме дека сите ќе добијат еднакви можности во нашето општество – кажа Битиќи.
Амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн сподели дека еден од најважните партнери на Форумот, се токму граѓанските организации. – Би сакала да ги поздравам за нивните достигнувања и напори да го поддржат развојот на социјалното претприемништво и поради тоа што се вистински пионери во социјалното менторство во земјава и регионот. Поддржувајќи го денешниот Форум, Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ сака да ја нагласи важноста на темата социјална инклузија, особено културното, социјалното и економското учество на ранливите групи во општеството. Германија и светот се посветени да ги постигнат Целите за одржлив развој, кои се патоказ за подобра и одржлива иднина за сите. Нам ни е драго дека една од целите на денешниот форум е во линија со некои од фундаменталните елементи од овој процес: градењето партнерства и ставање на акцент на тоа никој да не биде изоставен – рече Холштајн
Извршната директорка на „Паблик“, организацијата која го организира Форумот, сподели дека, во посакуваните општествени системи, инклузивните работни места, инклузивните бизниси и инклузивниот раст се високи приоритети. – Во нив растот нема да се следи само преку БДП, туку преку сет индикатори кои истовремено ќе носат информација – кој има бенефит од економскиот раст, дали растот е одржлив во однос на ефектите врз животната средина, како тој влијание врз благосостојбата на луѓето. Со овој Форум ќе се обидеме да ја согледаме улогата на различните сектори во создавањето на новиот општествен систем во чие функционирање се инкорпорирани Целите за одржлив развој и придонесот кон нив нема да е напор, туку воспоставен и прифатен начин на делување – сподели Илијевски.
Лидерот за визија на „Декатлон“, Франција, Чарли Фелгејт сподели дека тие се децентрализирана компанија која функционира преку колективна свесност и применува пристап „од долу нагоре“. – Самите вработени ги носат главните идеи, a мојата работа е да ги слушнам и имплементирам. Кога зборуваме за иднината на работните места, прво разговараме за иднината на луѓето. Како компанија постоиме поради останатите, купувачите, добавувачите, луѓето кои прават кафе и чај, сите сме луѓе и сите сме важни. Почнавме да ги прашуваме вработените што сакаат за себе, за својата фамилија, своето општество, а не да кажуваме што ние мислиме дека треба. Кога го сменивме пристапот, добивме сосема различни одговори. Проблемите со кои се соочуваме, можеме да ги решиме заедно, само заедно! Тоа е единствениот начин – вели Фелгејт. Тој, како еден од главните говорници, посочи и дека компанијата вработува врз основа на вредности: – Тогаш си поинклузивен во регрутирањето. Не сме заинтереисрани за модерни универзитети и дипломи. Многу ни е важна инклузијата, па оттука го цитирам мојот пријател кој кажува: разновидност е да бидеш поканет на забава, инклузија е да бидеш поканет да танцуваш и да се вклучиш во сите муабети.
Елиав Родман, е претприемач од стартапот „MyInterview“, Израел. Тој појаснува дека двајцата основачи на компанијата имале сосема различни карактери, но согледале дека нивните CV-а се речиси идентични. – Оттука произлегла идејата да се направи нешто околу класичниот начин на барање работен кадар и интервјуирање, со цел да можат да се најдат вистинските кандидати и да се препознаат нивните вистински вредности. Платформата „MyInterview“ се фокусира на наоѓање кадар преку ставање фокус на карактерот на кандитатот наместо на CV-то. – Ако на некоја компанија им стигнат 100 апликации за едно работно место, со традиционалниот метод на интервјуирање, оној кој аплицирал 99-ти има реално многу мали шанси да ја добие работата иако е можеби еден од најквалитетните. Преку нашата платформа алгоритмите овозможуваат никој да не биде пропуштен и сите да добијат еднаква шанса, таму нема пристрасност – сподели Родман.
Сениор специјалистката за вработување во Меѓународна организација на трудот (МОТ), Даниела Зампини сподели дека исходот од работењето со различни групи (бизниси, граѓански организации, јавни институции) е многу добар бидејќи ги збогатува нашите перцепции:
– Увидовме дека оние работни позиции кои се најчесто ниско платени, се всушност едни од најважните, односно есенцијални за функционирањето на економијата. Дигитализацијата е само еден дел од целата равенка. Сè додека не почнеме да гледаме кон пазарот на труд на поартикулиран начин, нема да можеме да ја видиме големата слика. Зампини сподели и за главните цели во насока на подобрување на иднината на работните места: – Да инвестираме во луѓето и нивните способности, да им дадеме можности, да инвестираме во ремоделирање и реформирање на институциите, како и во дијалог и разбирање помеѓу сите страни – бизниси, институции, граѓански сектор, работници/граѓани.
Карел Вандерпортен, експерт за социјална економија, кој работи во Европска комисија, сподели за начините на соработка помеѓу чинителите кои се дел од социјалната економија и конвенционалните бизниси. Посочи на низа степени и разлики помеѓу филантропските партнерства, кои се еднонасочни и вообичаени, сè до оние кои носат трансформативна промена – каде двете страни ги изедначуваат своите мисии за да максимизираат заеднички бенефит и општествено влијание. Вандерпортен сподели и примери за различни степени кои појаснуваат разлики помеѓу филантропски активности, но, и подлабоко вклучување на социјалните претпријатија во партнерства со конвенционални бизниси. Пример за тоа е кога вработени играат улога на тутори и ментори на различни социјални претпријатија, или, кога некое социјално претпријатие е вклучено во производство на етичка мода (примерот на Калцедониа со Квид кооператива).
Првиот ден ја донесе и панел сесијата за соработка помеѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, преку реализиран пример во Полска. Бизнисменот Пјотр Јановиц од „Конструкта“, Полска појасни дека сега, за разлика од порано, луѓето различно гледаат на бизнисот. – Бизнисот што го отпочна мојот татко за среќа беше успешен и иако главната цел беше профитот, тоа денес ни овозможува да ставиме фокус на други работи, да работиме за многу повеќе од профит и да направиме нешто значително за нашата заедница.
Пјотр Марчиниак, архитект и професор, Полска го претстави социјалниот простор кој го изработиле заедно со „Конструкта“ и со фондацијата „Барка“, кој донел многу бенефити за локалната заедница. – Нашиот проект го става во фокус социјалниот простор. Преку ревитализација на тврдините ја зачувуваме историјата, посветуваме посебни простории наменети за социјална економија, работилници, уметност, изложби и голема зелена површина, кафулиња и ресторани. Како архитекти, сакаме да го решиме проблемот со животната околина. Тоа е нашата иднина – сподели Мачиниак.
Весна Бајшански Агиќ од фондацијата „Мозаик“ од Босна и Херцеговина посочи на тоа дека бизнисите треба да решаваат општествени проблеми. -Прашањето кое порано им го поставуваме на своите деца „што сакаат да бидат кога ќе пораснат“, треба да го замениме со прашањето кои проблеми сакаат да ги решат кога ќе пораснат. Кога креираме социјални бизниси и се засноваме само на поддршка од државата, не правиме ништо. Ако бизнисот не е жив од продажба, не е жив на пазарот, не е постои. Не може да биде наречен бизнис – беше децидна таа во своето излагање. Коста Петров, директор на Фондот за иновации, сподели дека ако сакаме да видиме промена, и влијание, мора да работиме заедно – бизниси, институции, граѓански сектор. – Тоа е равенка, ако функционира добро само еден дел, нема да се оствари равенството. Иднината зависи од опшественото влијание, ова треба да го прифатиме и да делуваме во таа насока. Ги прашувам луѓето од стартап сферата – која е главната причина зошто сакаат да го реализираат својот бизнис. Ако одговорот е само профит, тогаш подобро да не почнуваат. Во сржта секогаш треба да постои желба за решение на одреден проблем на нивната таргет група.
Приклучете ни се и утре, следуваат уште интересни дискусии!